english

or you can choose your language below
 

профил

активности инфо галерија контакт
 

 

Кампања 31 ден - 31жена, март – месецот на жената
„Жените од Свети Николе низ историјата"

Организација на жените на општина Свети Николе по втор пат оваа година ја реализира локалната кампања „31 ден – 31 жена, март –месецот на жената". Оваа година со кампањата беа опфатени жени од општина Свети Николе, првенки во своите професии и трасирање на патот за интегрирање и вклучување на жените во различни полиња од општествениот живот. Самата идеја беше поттикната и спроведена од страна на Рахела Симеонова Манева која повеќе од два месеци истражуваше и прибираше информации, податоци, фотографии за жените првенки, а се реализираше заедно со помош и подршка на тимот во ОЖОСВН ангажиран за реализација на институционалниот гранд од Цивика Мобилитас Програмата. Кампањата се одвиваше преку социјалните мрежи, односно Facebook страната на ОЖОСВН, каде 31 ден секојдневно се објавуваше по една жена првенка, со фотографија и нејзина биографија, односно информации прибрани од самите жени или блиски нивни роднини и пријатели.

Кампањата наиде на многу позитивни коментари и критики од страна на целото локално население, па тоа беше и причина плус за да се организира изложба со фотографиите и биографиите на сите 31 жена. Изложбата беше организирана во соработка со Народен Музеј Свети Николе, а беше отворена на 12 април 2017 година, на тема „Жените од Свети Николе низ историјата", истата беше посветена на жената активистка и борец за женски права, покојната прва претседателка на ОЖОСВН, г-ѓа Вера Златева и секако, на триесет и една светиколчанка, првенки, кои зад себе оставиле значајни достигнувања во разни области. Со пригодна програма посветена на жените и говори на претседателката на ОЖОСВН - Даниела Панева и директорот на Н.Музеј – Александар Арсов, како и на Рахела С.М. и дел од присутните жени првенки, беше отворена првата изложба од ваков тип во општина Свети Николе, а Народниот Музеј беше премал за да ги собере сите заинтересирани посетители

„За жената"
Василка Голубова

На било кој јазик да го изговориме зборот жена, формата ќе се разликува, но содржината ќе биде секогаш иста – жена, било да се работи за жена која живее во Шведска, Шпанија, Македонија, Португалија. Вредноста на жената без оглед на верата и националноста се пресликува во нејзините безброј улоги кои успешно ги одигрува секоја на својата животна сцена. Мајка која дарува живот, домаќинка која ги држи сите конци во својот дом, избор на професија која исто толку совршено ја реализира на своето работно место – од чистачка до министерка.

Во некои минати времиња на жената и било дозволено да се искаже само во улогата на домаќинка, а другите свои способности и таленти ги потиснувала и задушувала во себе свесна дека живее во светот на мажите. Но со текот на времето полека жената се ослободувала од вековните окови на заостанатоста, конечно покажувајки ги своите мисловни способности, дарби и полека почнала да си го зазема своето заслужено место под сонцето. Само храбрите жени со силата на својот интелект почнале да се борат за да дојдат до одредени позиции во општеството.

Така, полека, но сигурно и вешто успеале да продрат во светот на мажите и да докажат дека и тие се способни да бидат политичари, лекари, професори, уметници... Долг е овој список на креативноста, енергичноста, одговорноста, упорноста, на сите овие вредности кои жената ја одведоа до висините на успехот и да бидат рамноправни со мажите.

Секогаш треба да ги знаеме, почитуваме сите храбри жени кои го направиле тој прв чекор во територијата на мажите без оглед на полето во општествениот бескрај – спорт, музика, филм, политика, образование, култура, технологија и така натаму.

Слушате и самите колку е долг овој победнички список кој успеале да го освојат ќерките на Ева.

Не само во овој огромен човечки свет на разни вери, националности, јазици, туку и во нашето мало сакано Свети Николе, кое е еден ситен атом во светскиот бескрај, и во ова мало гратче храбро зачекорија и нашите припаднички на понежниот пол иако овој назив само на хартија важи – понежен пол, бидејки тие докажаа дека и жената е психофизички способна да успее да освои некои висини во светот на мажите кои долго не дозволуваа жените да стапнат на нивната „забранета“ територија.

Шах – долго време мажите не дозволувале да се доближи жената до шаховската табла сметајќи дека оваа мисловна игра е претешка за нежната жена, а денес јавно, без страв ќе изјавиме. Потајно мажите се плашеле од пораз од умот на женскиот противник. Тоа во Свети Николе го покажа и докажа нашата сограѓанка ВИОЛЕТА ЈАНЕВСКА прва жена, шахистка.

ГОРДАНА НАЦЕВА – прва ракометна репрезентативка која преку ракометот покажа дека и женското тело може да ги издржи напорните тренинзи и да освојува победи исти како и мажите во истиот тој спорт.

Во областа на образованието како прва професорка во СОУ „Кочо Рацин" зачекори професорката БЛАГОРОДНА АЛЕКСОВА ЃОРЃИЕВА која своето знаење и искуство го пренесуваше на многу генерации, ученици.

МИРЈАНА ШТЕРЈОВА ПРЛИЧКОВА е првата жена волонтерка – мајор во Министерството за внатрешни работи, која докажа дека униформа гордо може да облече и една способна жена.

НАСКОВА ЕМИЛИЈА – прва диџејка која докажа дека во оваа улога може да му парира на секој маж диџеј во светот на музиката.

СЛАВЈАНКА ВАСИЛ СТОЈАНОВА е прва жена од Свети Николе која зачекори како пратеничка во Собранието на Република Македонија.

Во светот на бизнисот и претприемништвото, прва жена претприемач од нашиот град е ВАСА АКСЕНОВА МАНЕВА која покажа дека во светот на мажите претприемачи може вешто да се снајде и една жена.

ЗОРИЦА БОРИС МАНЕВА – ДОНЕВА ја покажа својата храброст, способност како жена провоборка, прва жена која подари своја крв во хумани цели, и прва жена организаторка на женското здружување во Свети Николе.

МИЦА ТОДОРОВА ХРИСТОВА е првата жена машинобраварка – изразито машко занимање кое беше победено од нежната женска рака.

Прва жена новинарка и сценаристка која зачекори во светот на информациите, написите, статиите и која со своето новинарско перо ги информираше граѓаните беше МИРЈАНА ВАСИЛЕВА.

ЃУРЃЕВКА ГОНЕВА беше првата жена советничка и претседателка на извршниот совет на општина Свети Николе, која дала удел во раководните органи на нашата општина.

Во полето на медицината ЗАГА ОРДЕВА – СТОЈЧЕВА е првата медицинска сестра во нашиот град.

Високото образование не е привилегија само на мажите докажа ДРАГИЦА НИКОЛОВА со нејзината диплома од Економскиот факултет.

Во времето на изградбата на поранешна Југославија СТЕФАНКА СТОЈАНОВСКА – СИБИНОВИЌ е првата жена ударничка на работните акции која со својот труд и вредни раце дала удел во изградбата на својата татковина Југославија.

Умешноста на адвокатската професија не е само способност на мажите докажа СОЊА НАУНОВА – КОЦЕВА која е првата жена адвокат во нашата општина.

ВИОЛЕТА ПАНЗОВА – НАСКОВА е наша сограѓанка која може да се пофали со звањето прва жена доктор на науки.

Во прекрасните визуелни доживувања насликани на сликарското платно со сигурните движења на сликарската четка и палетата со бои во нашата општина прва не вовела уметничката рака на ТАТЈАНА ДАЕВА – ЕФТИМОВА – прва жена сликар.

Во ставот „војнички мирно"! во редовите војнички во Армијата на Република Македонија храбро застанува прва ЕЛИЦА АНДОНОВА – ГАВРИЛОВСКА која покажа дека и жената може да го издржи напорниот војнички живот без оглед на женската конструкција која само на прв поглед е нежна, а всушност е цврста и силна.

РАХИЛКА ГОНЕВА – првоборка – херојство, издржливост, патриотизам, пожртвуваност, љубов кон татковината.

КОЦКА ПАНЕВА – прва учителка во нашата општина во едно тешко време за едно образование, но таа докажа дека за описменувањето нема препреки.

НАДА ИЦЕВА САЛЏИЕВА – многу луѓе се плашат од висина, но оваа жена ја победи висината скокајќи прва со падобран. Секоја чест!

Кога ќе речеме ЈОРДАНКА СТАНОЈКОВА – прва жена трактористка. Сигурно на мажите не им било лесно кога ја виделе дека и таа може вешто да управува со тракторот исто како и мажите.

За убавината на жената први се погрижиле:

ЛЕНКА ДОНЕВА – прва жена фризерка.

РАТКА МИЦКОВА НИКОЛОВА – прва жена шнајдерка.

Уште една жена во областа на спортот – гимнастика, прва репрезентативка, името и е БЛАГИЦА ВУКАДИНОВА.

Дека жената може да се снајде и во улога на судија докажаа две жени од нашиот град. ЛИЛЈАНА САЗДОВА – МИЈАЛКОВСКА прва жена судијка од Свети Николе – уште еден женски упад во полето на правните науки. Другата сограѓанка судијка но во полето на женскиот фудбал, меѓународна судијка е БИЛЈАНА МИЛАНОВА – АТАНАСОВСКИ. И тука ги победивме мажите кои го сметаа фудбалот строго за машки спорт.

Уште една жена стапна прва во Министерството за внатрешни работи – ГОРДАНА ТРАЈЧЕВА, во полициска униформа и им докажа на мажите во истата униформа дека и жените може да го одржуваат јавниот ред и мир во нашето мало гратче Свети Николе.

СТОЈКА АПОСТОЛОВА – како жена исполни повеќе улоги: прва жена со возачка дозвола. Јас велам не е и последна. Денес ни признаваат мажите дека жените се повнимателни возачи од мажите. Втората улога на СТОЈКА АПОСТОЛОВА – прва жена на раководна функција – директор на градинка. Трета улога – прва жена претседателка на женското здружение – пензионерки.

И на крајот две наши сограѓанки од полето на литературата кои го преточија својот талент и фантазија помеѓу кориците на нивните литературни дела.

ИВАНКА СЛАВКО СТОЈКОВСКА – прва жена поетеса со нејзината збирка песни „Длабоки корени" и

ВЕСЕЛА ДИМОВА – прва жена која објавила роман под наслов „Кога боговите умираат".

 
     
 
     
 
     
 
     
 

Организација на жените на општина Свети Николе

 
 

прва страна | профил | активности | инфо | галерија | контакт
© 2003-2017 Организација на жените - Свети Николе.
Сите права се задржани Webmaster