english

or you can choose your language below
 

профил

активности инфо галерија контакт
 

 

Континуитет на Групата за самопомош со финансиска поддршка на Локална самоуправа Свети Николе

Локална самоуправа Свети Николе со средства од буџетот на општина Свети Николе, наменети за здруженија на граѓани и оваа година, финансиски ги поддржа проектните активности на ОЖОСВН наменети за групата за самопомош на жени заболени и лекувани од малигни заболувања од општина Свети Николе.

Целта на проектните активности е зајакнување на самодовербата на жените од групата за самопомош и полесно надминување на траумите и последиците од болеста со која што се соочиле, преку давање стручна психосоцијална и здравствена помош и креативно исполнување на слободното време. Во рамките на проектните активности за 2017 година предвидено е одржување на 10 едукативни и креативни работилници, како и две посети на верски објекти во Р.Македонија односно рекреативни работилници и веронаука. Психосоцијалната и здравствената помош и подршка се состои во пружање едукативни совети на разни теми: здрава храна, здрав стил на живеење, интеграција во заедницата, надминување на стравови итн. Во реализирање на едукативниот дел се ангажирани стручни лица: нутриционист, доктор, психолог, како и едукатор за креативни работилници.

Целна група се сите жени од општина Свети Николе кои се заболени и лекувани од малигни заболувања и имаат потреба од повторна ресоцијализација, интеграција и поддршка во надминувањето на стресот, траумите и последиците од болеста.

Покрај едукативните и креативни работилници, со проектот предвидува и одржување на трибина за подигање на свеста, набавка на ортопедски медицински помагала, како и рекреативни екскурзии за неформално дружење на жените од групата и посета на верски објекти во Р.Македонија.

Во оваа група може да се приклучи секоја заинтересирана жена која има проблем со малигни заболувања, групата е од затворен тип односно на барање на членката на групата нема да се открива нејзиниот идентитет надвор од групата, а исто така постои и можност за индивидуални средби со жените кои воопшто не сакаат да се знае нивниот идентитет и во рамките на групата.

Во досегашното функционирање на групата особено се евидентни позитивни резултати кај членките на групата и затоа ОЖОСВН и во иднина ќе продолжи да работи на унапредување на положбата на жените од групата во општеството преку придобивките стекнати од едукативните работилници.

Организација на жените на општина Свети Николе

 
 

прва страна | профил | активности | инфо | галерија | контакт
© 2003-2017 Организација на жените - Свети Николе.
Сите права се задржани Webmaster