english

or you can choose your language below
 

профил

активности инфо галерија контакт
 

 

Контакт Семинар „Социјалното претприемништво - новата ера на бизнисот"

Во рамките на програмата Еразмус+ (финансирана од Европската Комисија) во една од клучните акции постои можноста за реализирање на контакт семинари, токму таков семинар се оддржа од 17 до 24 Октомври 2016 година во Задар, Хрватска. Целта на овој контакт семинар беше да се воспостави силна стратешка соработка во областа на социјалното претприемништво помеѓу партнер-организациите на овој проект од следните држави: Велика Британија, Македонија , Романија, Турција, Естонија, Словенија, Шпанија, Полска и на домакинот-Хрватска. Партнер организација од Македонија беше Организација на жените на општина Свети Николе, а истата на семинарот беше претставена од тројца претставници. Организатор на семинарот беше Carpe Diem од Карловац, здружение за потикнување и развој на креативни и социјални потенцијали на децата, младите и возрасните.

Социјалното претприемништво е релативно нов концепт во Европа и многу организации се заинтересирани во своите активности да го вклучат социјалниот елемент, меѓутоа притоа се соочуваат со многу предизвици и пречки како да го постигнат тоа. Сето ова се случува во главно поради недостиг на соодветни информации и искуства од позитивни практики од областа на социјалното претприемништво. Заради сето ова беше организиран и овој контакт семинар насловен „Социјалното претприемништво - новата ера на бизнисот", за да им се даде шанса на организации, претпријатија, јавни тела да се сретнат, да учат едни од други, да споделат идеи и концепти кои ќе донесат еден иновативен пристап во областа на социјалното претприемништво и да создадат заеднички меѓусекторски стратешки проекти за развој на социјалното претприемништво во Европа.

 
     
 

Одлично уиграниот тренерски тим на Андреа и Себастијан успешно ги реализираа предвидените работилници притоа анимирајки ги и самите учесници активно да се вклучат во активностите и сите заедно полесно да го склопиме мозаикот наречен социјално претприемништво. Така сите заедно за време на работилниците успеавме да се стекнеме со солидни познавања на темата социјално претприемништво како алтернатива за младинско вработување и активно учество во заедницата. Исто така на една од работилниците имавме можност да се запознаеме со позитивните искуства на здружението „Еко Задар" од Задар , кои исто така не запознаа со Хрватската Стратегија за развој на социјално претприемаштво

 
     
 

Еден ден од семинарот беше предвиден за посета на локалната задружна пиварницаБрлог" која важи за пример на социјално претприемништво и е прва таква во регионот која е стартувана и водена од жени-претприемачи, каде што една од косопственичките Ана Тескера ни го презентираше нивното искуство од идеја до реализација со сите пречки и предизвици со кои се сретнувале и како ги надминувале истите во целиот тој процес на производство и пласман на нивното пиво „Плавуша".

 
     
 
     
 

Во слободното време имавме можност да ги посетиме локалните знаменитости во Задар кој е прогласен за најдобра Европска дестинација за 2016 година.

Вечерните часови беа резервирани за претставување на државите учеснички на овој контакт семинар. Несебично е ако кажеме дека Македонија имаше одлична промоција, ја претставивме најдобро што можевме и посебно со реализираниот квиз побудивме голем интерес кај останатите учесници кои за прв пат се сретнуваат со интересни факти за Македонија.

 
     
 

Во продолжеток прочитајте ги кратките изјави за искуството на членовите на Македонскиот тим кој учествуваа на овој семинар:

Александра Николова: „Семинарот во Задар за мене претставува едно многу пријатно искуство, бидејки групата беше составена од луѓе од различни култури, различни возрасти и различни професионални занимања. Јас имав одлична можност да осознаам нови креативни и оригинални идеи на кои работевме и се надевам ќе ги реализираме во иднина. Концептот и предавањата беа организирани перфектно.

Ѓорѓи Стефанов: "На овој семинар имавме можност да се запознаеме со новиот концепт на претприемништво – социјално претприемништво кое се повеќе се практикува низ Светот. Преку активностите на семинарот кои беа водени од искусните тренери Андреа и Себастијан, секој од нас работеше на заеднички проекти вклучувајќи различни интерактивни вежби и работа во групи. На крајот од тренингот имаше презентација на сите пет проект-вежби и дискусија и препораки од страна на тренерите и останатите учесници."

Александар Богатинов: „И покрај моето големо искуство на разни теми од досегашните реализирани проекти и обуки, за првпат се запознав поконкретно со дел од тајните на социјалното претприемаштво, благодарение на одлично подготвените и спроведени работилници од тренерите на овој семинар , како и од можноста да се добијат информации од прва рака од луѓе кои веќе успешно ги совладале пречките и предизвиците на патот за основањето на нивните start-up социјални претпријатија. Морам да го издвојам и „Open Space" денот кога самите учесници на семинарот подготвивме и реализиравме наши кратки работилници, кои со својата разновидност потикнаа голем интерес и можност за размена на претходно стекнати искуства и верувам дека сите учесници се здобија со нови знаења кои ќе им користат во иднина. Генерално сите учесници на овој семинар се стекнавме со нови вештини и знаења кои ќе можеме да ги примениме во нашите средини и најважно од се е што новостекнатите пријателства ќе продолжат да се зајакнуваат и преку реализирање на потенцијалните партнерски проектни идеи во блиска иднина.“

Ја користиме оваа статија да ја искажеме нашата голема благодарност до организаторите и реализаторите на овој семинар. И голема благодарност до нашата Организација на Жените на Општина Свети Николе за понудената можност да учествуваме на овој посебен контакт семинар.

 
     

Александар, Александра и Ѓорѓи
Организација на жените на општина Свети Николе

 
 

прва страна | профил | активности | инфо | галерија | контакт
© 2003-2016 Организација на жените - Свети Николе.
Сите права се задржани Webmaster