Организацијата на жените на општина Свети Николе по
трет пат доби Финансиска поддршка од шветската фондација Квинна Тилл
Квинна од Стокхолм. Средствата од оваа финансиска поддршка беа наменети
за административните и оперативните трошоци на Организацијата за период
од 01.02 до 31.10.2014 година. Целта на подршката е на Организацијата да
и се овозможи континуитет во работењето и извршување на стратешките и
програмските активности, контактите и соработката со владини институции
и невладини организации, донатори и целната група на локално, национално
и меѓународно ниво.
Дел од финансиските средства се наменети за покривање
на финансиските трошоци на организацијата и тоа за наемнина за
канцаларијата, комунални трошоци, ПТТ и интернет трошоци, електрична
енергија како и канцалариски материјали за организацијата. Ваквата
поддршка од страна на КТК допринесе и оваа година без проблем да
продолжи непречено функционирање на Организацијата и извршување на
тековните активности за придонес кон остварување на мисијата и визијата
на организацијата.
Сите заедно против рак на дојката
Организацијата на жените на општина Свети Николе со
дополнителна финансиска поддршка од шведската фондација Квинна Тиил
Квинна од Стокхолм спроведе низа активности за одбележување на
Октомври – светски месец за борба против рак на дојка. Вакви
активности Организацијата спроведува во континуитет во текот на целата
година со цел подигнување на свеста кај женската популација за потребата
од редовни самопрегледи, ехо и мамографски прегледи заради рано
откривање на малигни заболувања на репродуктивните органи кај жените .
Овој октомври Организацијата на жените предвидените активности под
мотото „Сите заедно против рак на дојката" ги спроведе во
соработака со Локалната самоуправа на општина Свети Николе, Комисијата
за еднакви можности помеѓу мажите и жените при Советот на општината,
Младинскиот совет при општина Свети Николе, Црвениот крст и ученици -
волонтери од Средното општинско училиште „Кочо Рацин“ и Основните
Училишта „Кирил и Методиј“ и „Гоце Делчев“.
|
|
|
На 24.10.2014 година е реализирана работилница
наменета за жените лекувани од рак на дојка и нивни поддржувачи од
огранокот на ЗГ Борка – За секој нов ден од Велес и жените од Групата за
самопомош при Организацијата на жени од Свети Николе. На работилнцата
присуствуваа 25 учеснички и истата беше водена од доктор и психолог. На
работилницата се разговараше за потребата од психосоцијалната и
здравствена помош и поддршка на жените заболени и лекувани од малигни
заболувања.
На 25.10.2014 година на градскиот плоштад се одржа
манифестацијата флеш моб во која беа вклучени сто
волонтери-ученици од СОУ „ Кочо Рацин“ како и од ОУ „Кирил и Методиј“ и
„Гоце Делчев“ од Свети Николе.
На следниот линк може да го погледнете видеото од
флеш моб настанот:
https://www.youtube.com/watch?v=1KmfJmw5O94&feature=youtu.be
Истовремено волонтерките на Организацијата на
граѓаните делеа розови машнички - симбол за борба против рак на дојка,
флаери и брошури, а исто така прибираа и финансиски средства за Фондот
наменет за помош на жени лекувани од малигни заболувања кој е отворен
пред неколку години во рамките на Општината.
Настанот предизвика голем интерес кај граѓаните и
беше масовно посетен а присутни беа и Градоначалникот на општината Г-дин
Зоран Тасев кој даде безрезервна подршка на настанот и ја истакна
спремноста локалната самоуправа и понатаму да стои зад вакви активности,
Советниците на Советот и други јавни лица од општината. Покрај
Организацијата на жените во организирање и на оваа активност беа
вклучени Локалната Самоуправа, Комисијата за еднакви можности помеѓу
мажите и жените при Советот на општината, Младинскиот совет на општина
Свети Николе и Црвен крст. Поддршка на оваа манифестација дадоа и
Јавните претпријатија Комуналец и Погребални услуги, како и АД Мода, а
учениците за настапот ги подготви наставничката по Физичка култура Г-ѓа
Тања Ангелова. Целиот настан беше медиумски покриен од страна на
Локалната ТВ Свет, која за пошироката јавност подготви посебна емисија и
истата ја пренесе и преку нејзиниот ТВ канал.
На 29.10.2014 година Организацијата на жените на
општина Свети Николе во соработка со ЗГ Борка - за секој нов ден и
Клиничката болница Аџибадем Систина од Скопје ја организира предвидената
Трибина „Сите заедно во борба против рак на дојка". На трибината
која се одржа во големата сала на општината пред присутните зборуваа Мр.
Др. Митко Караѓозов - Тораковаскуларен хирург од КБ Аџибадем Систина,
шеф на Центарот за дојка, Др. Дева Петрова - Специјалист Онколог од КБ
Аџибадем Систина, Г-ѓа Биба Додева - Претседателка на Здружение Борка за
секој нов ден, Г-ѓа Жаклина Јованова - преставник на Медикус Хелп од
Скопје. Модератор на трибината беше Г-ѓа Вера Златева – Претседателка на
Организацијата на жените .
|
|
|
Цел на трибината беше не само да се даде поддршка на
жените кои веке се заболени и се лекуваат од малигни заболувања, туку и
пред жените од Свети Николе да се презентираат основните информации за
ракот на дојка, но и најновите сознанија и достигнувања на ова поле, а
со тоа да се подигне свеста за ракот на дојка како потенцијално излечива
болест доколку навреме се открие.