НАЦИОНАЛНИ ВОЛОНТЕРСКИ НАГРАДИ 2013
Специјален сертификат за долгогодишен волонтерски ангажман за нашиот
Александар Богатинов од Свети Николе
Младински културен центар – Битола повеќе од десет
години активно работи на промоција на волонтерството во Р. Македонија,
вклучувајќи во своите активности различни волонтерски програми наменети
за младите луѓе. Единаесет години со ред го одбележуваме 5ти декември –
Меѓународниот ден на волонтерите и веќе осма година доделуваме
Национални волонтерски награди - златен, сребрен и бронзен сертификат за
Волонтерски ангажман.
Секој 5-ти декември луѓето од цел свет без разлика на
возраст раса и култура го слават волонтирањето, се потсетуваат на
суштината на волонтерската работа и си оддаваат признанија.
Добитници на специјален сертификат за долгогодишен волонтерски ангажман,
златен, сребрен, бронзен сертификат за Волонтерски ангажман за 2013
година се:
Добитник на Специјален сертификат за долгогодишен волонтерски
ангажман е Александар Богатинов од Свети Николе
Срџан Амет од Скопје –
добитник на Златен сертификат за волонтерски ангажман
Игор Поповски и Филип Гагалов од Битола - добитници на Сребрен
сертификат за волонтерски ангажман
Светлана Сиљјаноска од Тетово и Гордана Лазаревска -
Димитријевиќ од Битола - добитници на
Бронзен сертификат за волонтерски ангажман
Специјален сертификат за долгогодишен волонтерски ангажман:
Александар Богатинов од Свети Николе Младински работник, член на управен
одбор на Организација на жените на општина Свети Николе.
Во
изминатиот период Александар со својата волонтерска работа даде огромен
придонес во развојот на организацијата и локалната заедница. Во сите
овие изминати години тој помага во реализирање на програмските
активности на Организацијата земајќи активно учество во многу проекти
меѓу кои: проект за развој на деца и млади, развивање на доброволната
работа помеѓу децата и младите во општина Свети Николе,
детско-младинскиот едукативен центар Вавилон, меѓународна младинска
волонтерска школа, програмата Локален волонтерски сервис, водач на
младински групи на повеќе младински меѓународни размени. Освен во
неговата матична организација Александар во еден период е активен
волонтер во локалниот волонтерски клуб „Македонски Волонтери во Акција“
и во Општинскиот Црвен Крст во Свети Николе.
Александар учествува во волонтерски активности и
надвор од Македонија заради што неговите пријатели од странство го
викаат „амбасадор на Македонија“, меѓу другото тој бил волонтер на
„Вечери на Далматинските Песни“ во Хрватска, волонтер на проектот
„Запознај ја Македонија“ во Словенија и волонтер на проектот „Ние сме
Европејци“ во кој зема активно учество во
промотивни активности во кои со голема посветеност ја промовира
Македонија во Полска, Чешка, Австрија, Италија и Германија.
Секако овие негови волонтерски активности не
остануваат незабележани и затоа е наградуван со повеќе награди и
признанија меѓу кои: Наградата „Најдобар Промотор на Македонија“ за 2011
година, организирано од проектот Macedonia
Loves You и
Плакетата „Свети Николај“ 2012 – најголемо признание од Општина Свети
Николе.
Како што вели самиот Александар најголема награда за
него е што со своето залагање успеал да мотивира многу млади да се
активираат како волонтери, да се вклучат во волонтерски активности кои
придонесуваат како за развој на заедницата.
Златен сертификат за волонтерски ангажман во 2013
година на Срџан Амет од Скопје
Срџан Амет од Скопје со својот ангажман во
граѓанскиот сектор е долгорочно посветен особено на развојот и
унапредување на состојбата со Ромската заедница во Република Македонија.
Во својот редовен ангажман како Програмски координатор во ЦИР-а Скопје
неколку години е координатор на проектот за подготовка на млади Роми
средношколци за студии на медицински науки со што се зголемува
застапеноста на Ромската заедница во високото образование во Македонија.
Преку волонтерскиот ангажман во 2013 година во
здружението Мир ја подготви и спроведе анализата за користење на правото
на социјална заштита на Ромите во Република Македонија и спроведуваше
работилници за детски права во рамките на едукативно воспитниот центар
на здружението. Во текот на 2013 година Г-дин Амет беше и едукатор на
работилници за психосоцијален развој на деца од ранливи категории.
Дополнително, организираше летен мултиетнички камп за социјална
интеграција на деца од различни етнички заедници, организација на
кампања за прибирање на средства за деца од улица и ученици Роми, како и
давање на совети за финансиска писменост на 5 семејства на територијата
на општина Шуто Оризари.
Со својата посветеност и лидерство г-дин Амет како
граѓански активист е позитивен пример како се унапредуваат правата и
можностите на својата заедница и како се дава личен пример за развојот
на граѓанското општество во Република Македонија.
Сребрен сертификат за волонтерски ангажман во 2013
година на Игор Поповски и Филип Гагалов од Битола
Игор и Филип континуирано, во текот на целата година,
волонтерски се ангажираа и придонесоа за
успешно реализирање на програмските активности на МКЦ- Битола. Преку
цела година беа вклучени во активности за поттикнување на младинскиот
активизам. Ја промовираа волонтерската работа и волонтерските програми
со својот несебичен континуиран ангажман како пример.
Особено значаен беше нивниот придонес кој го дадоа во Кампањата за борба
против гладот. Учествуваа во индивидуалните активности за прибирање на
храна од нашето секојдневно опкружување, беа дел од тимот за
организирање на хуманитарна поп арт изложбата “Open
your mind -
Open your
pocket”, и ја координираа целодневната акција
во дел од големите маркети во Битола со која ги поттикнувавме
потрошувачите да одделат мал дел од својата кошница за социјално
загрозените семејства во Битола. Благодарение на несебичниот ангажман на
волонтерите на МКЦ – Битола и хуманоста на нашите сограѓани резултат од
овааа акција беа 22 пакети за социјално загрозени семејства со кои се
придонесе да им се задоволат основните прехрамбени потреби.
Позитивната енергија и конструктивниот хумор како дел од нивната
личност, сериозниот пристап и развиената свест за точност и извршување
на задачите даде посебно светло на нивниот целокупен ангажман. Игор и
Филип претставуваат профили на млади луѓе кои можат да послужат како
пример за рационално искористување на слободното време, но и за тоа како
се инвестира во сопствена надоградба и во развојот на локалната
заедница.
Бронзен сертификат за волонтерски ангажман во 2013 година на Светлана
Сиљјаноска од Тетово и Гордана Лазаревска - Димитријевиќ од Битола
Светлана Сиљјаноска од Тетово беше избрана да волонтира во Општина
Јегуновце на волонтерската позиција помлад референт за односи со
јавноста. Одделението за односи со јавноста во рамките на Општина
Јегуновце е релативно ново, ова беше втора година откако Општина
Јегуновце ја отвори Подрачната канцеларија во селото Вратница и на тој
начин ја доближи општината до граѓаните. Светлана имаше можност да
учествува во овој нов иновативен процес кој на граѓаните им овозможи да
си го олеснат пристапот кон Општината и поактивно да учествуваат во
работата на истата.
Светлана и по завршувањето на волонтирањето во Општина Јегуновце
продолжи да волонтира и во Институтот за развој на заедницата - Тетово и
беше вклучена во повеќе програмски активности. Исто така Светлана е еден
од организаторите на „Тетово на точак“, неформална група која се труди
да ја зголеми свеста на граѓаните за загадувањето од моторните возила и
да ги мотивира да го користат велосипедот како превозно средство.
Гордана Лазаревска - Димитријевиќ од Битола , секретар на здружението
Македонски ракотворби за нејзината успешна акција за донирање на книги.
Со нејзиниот континуиран ангажман и посветеност успеа да собере над 2000
парчиња на книги кои беа донирани од многу институции и граѓани во
Република Македонија. Книгите беа превземани преку пошта, со карго,
директно и на разни други начини. Во ноември оваа година г-ѓа Лазаревска
– Димитријевиќ донираше над 1000 детски книги на македонски јазик во
општина Пустец Република Албанија како и над 500 книги од македонски
поети преведени на албански јазик за потребите на Музејот на албанската
азбука во Битола. Г-ѓа Лазаревска – Димитријевиќ со голем ентузијазам
преку волонтерски ангажман успешно ја реализираше оваа донаторска
акција.
https://www.youtube.com/watch?v=q1pyAXetblM&feature=c4-overview&list=UU3Ylu4t0w-56mtjiNYJ2djw
Организација на жените на општина Свети Николе
|