|
ЖИВОТНА ПРИКАЗНА
КОГА СУДБИНАТА ЌЕ СИ
ПОИГРА...
Навлегував во педесетата година од животот...Правејќи
ретроспектива, со задоволство констатирав дека имам среќно семејство,
сопруг и две деца , работа што ја сакам, широк круг на пријатели,
можност за патувања и доживувања и на други полиња освен на
професионално. Мислев дека ништо не може да ми ја помати среќата... И
одеднаш - шок! Неговото “височество” ракот се дрзна да го уништи сето
она што трпеливо со децении наназад го градев.При рутински самопреглед
на дојките открив нешто што уште во првиот момент ме вознемири. Во
почетокот мислев дека тоа мене не може да ми се случи. Но, што е тука е,
од вистината не се бега. По посетата на мојот матичен лекар и гинеколог
бев упатена да ги направам првите испитувања и анализи во Центарот за
лекување на болести на дојките во соседниот град . Наместо да ми
направат мамографско сликање, бидејќи ехо преглед веќе направив, и
покрај моето барање (немале филмови), ми направија пункција и утредента
резултатот покажа дека тоа е туморозна формација од I група без постоење
на малигни клетки. Ме советуваа да се јавам на контрола по три месеци.
Неколку пати во текот на следниве месеци се јавував да прашам кога може
да се направи мамогрфско снимање, но апаратот не работеше. Тогаш, со
помош на мои блиски успеав преку ред да отидам на мамографско снимање во
Скопје (во редовна постапка требаше да чекам уште три месеци).
Резултатите од испитувањето беа катастрофални за мене и моето семејство
- малигном од V група.
Во мојата душа се случуваше пекол. Најнапред огромен
страв и прашањето уште колку ќе живеам, а потоа бес и лутина кон самата
себе што не можев да си ги објаснам. После консултацијата со еден
прекрасен , пред се , човек, а потоа и стручњак хирург, сфатив дека во
животот човек мора да биде борец. Да не и се препушти на судбината, туку
да се фати во костец со лошото и да верува во себе. Веќе во втората
половина на месец Март 2002 година , дел од десната дојка заедно со
аксилата ми беше хируршки отстранет.
Повторно следеа денови на исчекување и страв: каков
ќе биде резултатот од хистопатолошкото
испитување на отстранетиот малигном? Зборовите на хирургот како да
доаѓаа од огромна далечина во моментот кога ми кажа:
"- Резултатите не се
толку лоши ; резултатот е во II а група. Потребно е лечење со хемо и
зрачна терапија и лекувањето е долго и тешко, но сепак , за некое време
ќе продолжиш нормално да живееш, но потребно е да правиш редовни
контроли и понатаму”.
Лекувањето траеше скоро цела година. За тоа време
прочитав многу литература за својата болест и осознав многу работи. Едно
секогаш ми е на ум: ако судбината сака да си поигра со луѓето , тоа не
треба да го прават луѓето кои се повикани да се грижат за здравјето. Од
срце му се заблагодарувам на докторот што во тие тешки моменти за мене,
ми пружи огромна подршка. Би сакала да кажам дека за сите пациенти многу
значи кога не се третираат како броеви, туку како суштества на кои им е
потребна помош и подршка.
|
|