македонски

english

профил

активности инфо галерија контакт
 

Работилници за правата на жените од работен однос

Организацијата на жените на општина Свети Николе во рамките на проектот Подобрување на положбата на жените, финансиран од Шведската фондација KVINNA TILL KVINNA во текот на 2007 година реализира 8 едукативни работилници на тема Правата на жените од работен однос.

Целта на овие работилници беше запознавање на жените со правата и обврските од работен однос. Работилниците беа одржани во 6 села: Горобинци, Ерџелија, Мустафино, Црнилиште, Амзабегово и Кадрифаково и 2 работилници за жените од Свети Николе. На овие работилници учествуваа околу 170 жени.

Во текот на работилниците жените беа информирани за законските одредби од Законот за работен однос, основните права кои треба да ги имаат жените кои имаат засновано работен однос, но и со обврските на работниците во текот на работата. Се забележа голем интерес кај жените бидејќи голем дел од присутните жени немаа доволно или имаа нецелосни информации за правата од работен однос. Од страна на жените беа потенцирани некои основни прекршувања на правата од работен однос. Најчесто се жалеа на ниските и нередовни плати, работа без платено здравствено и пензиско осигурување, работење подолго време од со закон определеното работно време. Во голем број на случаи жените при засновањето на работен однос потпишуваат бланко договори за работа, без да бидат информирани за условите под кои се вработуваат, немаат можност да користат платен годишен одмор и платено боледување. Посебно ги истакнаа лошите услови за работа, несоодветно затоплување и осветлување. Во текстилните фабрики се забележува експлоатација на женската работна сила, работење прекувремено во повеќе смени, работа во неработни денови без при тоа да добијат соодветен надоместок за ангажираната работа. Во голем дел од фирмите постојат лоши меѓучовечки односи, жените се понижувани и навредувани.

Кај жените постои голема недоверба во Трудовата инспекција, која многу ретко им помага и сметаат дека инспекторите се корумпирани. Тие немаат информации каде да се обратат во случај на повреда на некое право од работен однос и не веруваат дека некој проблем позитивно ќе се реши доколку се обратат до некоја надлежна институција. Поради тоа најчесто се принудени да го напуштат работното место и да ја изгубат егзистенцијата на своето семејство. Не се забележани случаи кога работодавачите се казнети поради прекршување на правата од работен однос.

За потребите на проектот беше подготвена и дистрибуирана брошура во тираж од 500 броја под наслов Правата на жените од работен однос.

 

Организација на жените на Општина Свети Николе

 
 

прва страна | профил | активности | инфо | галерија | контакт
© 2003-2008 Организација на жени - Свети Николе.
Сите права се задржани Webmaster А.Б.