македонски

english

профил

активности инфо галерија контакт
 

Извештај за тематската трибина „Урбанистичко планирање“

Организацијата на жените на општина Свети Николе во рамките на проектот Свети Николе – Транспарентна општина кој е дел од програмата CIVICA Mobilitas – имплементирана од ЦИРа и финансиски поддржана од SDC на 06/10/2010 година со почеток во 19 часот во салата на собранието ја реализираше втората тематска трибина на тема: „Урбанистичко планирање“. На трибината присуствуваа жени и мажи на возраст над осумнаесет години од општината, како и уште неколку членки од проектниот тим на организацијата.

Трибината ја отвори модераторот на проектот г-ѓа Билјана Димова, која зборуваше за целта на проектот, целните групи, како и за реализацијата на предвидените проектни активности. По претставувањето на проектот, модераторката збор и даде на г-ѓа Валентина Гилева, раководител во одделението за урбанизам при Локална самоуправа - Свети Николе.

Г-ѓа Ѓилева во својата презентација се осврна на тоа што опфаќа урбанистичкото планирање, што е направено, што се прави, што уште треба да се направи во преостанатите фази од децентрализацијата и што се планира во поглед на Урбанизмот и измените и дополнувањата во деталниот урбанистички план во Општина Свети Николе итн.

Присутните беа информирани дека во тек е реализација на Програмата за изработка, изменување и дополнување на Урбанистичките планови на територијата на Општина Свети Николе и новото современо урбанистичко планирање на просторот. Со реализација на оваа Програма ќе се допринесе за нормално остварување на животните потреби на граѓаните и правните лица на просторот на кој живеат и стопанисуваат; Општината ќе може да генерира поголем приход од комунални такси и даноци; Ќе се отворат можности за нови инвестиции (ДУП „Мало стопанство“ - 15ха и УПВНМ за индустриска зона покрај регионалниот пат Р-101 Куманово –Кадрифаково - 70ха); Ќе се допринесе до развој на руралните области (УП за селата Ерџелија, Мустафино, Горобинци и Црнилиште) и Ќе се отворат можности за организирано користење на слободното време на младите и развивање на натпреварувачки дух (со донесување и реализација на ДУП за спорт и рекреација).

Во однос на реализација на Урбанистичките планови за изведба на проектите од областа на инфраструктурата во тек е изработка на Главен проект за инфраструктура – за град Свети Николе. Со изработката на овој проект ќе се допринесе за: поголема безбедност во сообраќајот; подобрување на комуналната инфраструктура со предвидување и изградба на нова атмосферска канализација; изградба на нова пречистителна станица (согласно ГУП) која ќе ја опфати и Индустриската зона и новата зона за мало стопанство и ќе се придонесе кон подобрување на хортикултурното уредување како фактор за заштита на животната средина.

Исто така во тек е планирање и обезбедување на средства за:

  • Доизградба на системот за алтернативно водоснабдување на град Свети Николе, за конечно да се надмине проблемот со обезбедување на здрава вода за пиење;

  • Доуредување на градската спортска сала, помошното фудбалско игралиште и реконструкција на ракометното игралиште со што конечно ќе се реши проблемот со создавање на услови за развој и унапредување на спортот во Општина Свети Николе.

  • Во план е и изработка на нов ГУП за град Свети Николе, во чија изработка и донесување активно ќе учествува партиципативното тело и непосредно пошироката јавност.

     

    Од страна на присутните имаше интерес и беа поставени прашања во насока на актуелниот нов закон за колективни домувања, па во таа насока г-ѓа Гилева се осврна на индивидуално домување и изградено градежно земјиште. Во таа насока беше истакнато од индивидуалното домување - постоечкото изградено во општина Свети Николе во најголем процент односно 92 % е од типот на семејни куќи со градини, околу 5% е од типот двосемејни куќи и само 3% се куќи во низ. Постоечкиот фонд на изградено индивидуално домување е покриено со планска документација ДУП-ови од постар датум изработени по метод на урбанистичко планирање со маркици кој не дозволува доградби и на поголеми градежни парцели кои се со мал процент на изграденост на парцелата. Затоа се изградени голем број на дивоградби. Со развојот на приватниот сектор појавена е потреба за поинтензивен развој за домувањето со мешана намена на објекти т.е. деловно-станбени објекти и можност за потребата за брзо опслужување на физичките и правни лица за можност за изградба, доградба и надградба.

    Приоритет - Поради претходно искажаното, ДУП-овите потребно е да се ревидираат и планираат со поголем процент на изграденост. Во таа насока предност ќе се даде на легализација на дивоградби и спречување на нивна понатамошна појава, изградена инфраструктура од секој вид, задоволување на потреба од деловен простор во централно градско подрачје, подобрување на квалитетот на градбите во старото градско јадро, можност за брза услуга за потребите на граѓаните за нивните потреби од станбен и деловен простор, правилно искористување на потребите за развој на земјиште, зголемување на густината на населеност и др. Како закани во оваа насока беа искажани: лошиот квалитет на станбен фонд во старото градско јадро, претежно во I зона, нереализирано сообраќајно решение според ДУП-ови во сите градски зони резервирани за домување и др.

    Во насока на неизградено градежно земјиште беше истакнато расположливото градежно неизградено земјиште за индивидуално домување во Oпштина Свети Николе кое изнесува 30ха и потребата е задоволена за подолг временски период. 95% од земјиштето е во приватна сопственост и околу 5% од државна сопственост. Од ова може да се заклучи дека понудата на пазарот за инвестиции за градежно неизградено земјиште за домување во однос на покриеност со ДУП-ови е добра.

    Приоритет – во овој дел приоритет се дава на водење поголема грижа за планирање на развој на земјиштето и големината на површината која се покрива со ДУП-ови. Предност се дава во насока на можности за понуда на градежно неизградено земјиште за домување во голем процент, можност за изградба на станбено-деловни објекти со поголеми површини за градба и др. Од друга страна пак закани претставуваат: непостоењето на инфраструктура од секаков вид, голем процент на дивоградби од социјална категорија на луѓе, користење на голем дел од земјиштето како земјоделско обработливо, дел од парцелите не се продаваат ниту градат и др.

    Во областа на колективното домување беше истакнато дека изградбата на објекти за колективно домување во општина Свети Николе веќе подолг временски период е во мирување. Повеќе од 20 год. не е изградена ниту една зграда за колективно домување.

    Во постоечките колективни згради на општина Свети Николе во сите 3 зони на градот се изградени 873 станови. Дел од нив се од постар тип но поголемиот број се во добра состојба. Побарувачката на станови во објекти за колективно домување е зголемена. Објектите се со решени односи за делот на сопственоста на становите, сите се со решена инфраструктура идр. Во однос на колективното домување како проблем се појавува недоволното одржување на заедничките простори во зградата и на дворното место, непостоење на куќни совети, зголемување на купопродажната цена на становите во општината и др.

    Во општина Свети Николе постои простор за планирано-неизградено колективно домување. Во планираната состојба на општина Свети Николе со планска документација ДУП-ови покриеноста во однос на изградба на згради за колективно домување е добра но истата состојба не е реализирана од многубројни причини.

    Приоритет – е реализација на можноста за изградба на 15 објекти за колективно домување со вкупно 401 стан.

    Можност за понуда на локации за инвеститори, изградена инфраструктура од секаков вид, формирање на блокови за колективно домување, правилно искористување на планирањето на развој на земјиштето и др. се сметаат за предности при реализација на планови поврзани со колективното домување. Од друга страна, нерешени имотно правни односи за земјиштето, непостоење на инвеститори за изградба на големи објекти за колективно домување во општината со по 50 стана во еден објект и др. се закани со кои се соочуваме во моментов.

    Од страна на презентаторката беа презентирани и предвидените локации за изградба на мало стопанство, приватни објекти итн. Истите следуваат подолу.

    РЕЗЕРВИРАНО ЗЕМЈИШТЕ ЗА ИНВЕСТИЦИИ

    Резервирано земјиште за инвестиции во Oпштина Свети Николе за деловни објекти е со ДУП - индустриска зона (мало стопанство) Свети Николе м.в. Кантонче. Површината на ДУП е 14,69ха. Предвидени се 40 парцели за инвестиции со П=13.04ха од кои дел се на државно земјиште, а дел се на приватно, а 5 се во приватна сопственост со П=1.65ха и тие се изградени и предвидени за доградување. Друго земјиште за инвестиции во приватна сопственост кое е покриено со ДУП е Мавровица со 17 градежни парцели и површина за градба на објекти од 3.20ха. Исто така во зони покриени со ГУП резервирани за мало стопанство општината има предвидено со ГУП Мавровица - 2.18ха, ГУП С’мкнат брег – 4.20ха и ГУП Станички пат – 0.75ха.

    Исто така беа претставени и цените на земјиштето според намена, локација итн.

    Цена на м2 кирија – по локација и куповна цена

    кирија :

    Станови : I зона - 123,00 ден. /м2

    II зона - 91,50 ден. /м2

    III зона - 61,50 ден./м2

    Куќи : I зона - 91,50 ден./м2

    II зона - 61,50 ден./м2

    III зона - 30,75 ден./м2

    куповна цена :

    Во зависност од квалитетот на градбата цената се движи во следниве граници:

    Станови : I зона - 18.450,00 ден. - 21.525,00 ден / м2

    II зона - 15.375,00 ден. - 18.450,00 ден / м2

    III зона - 12.300,00 ден. - 15.375,00 ден / м2

    Куќи : I зона - 12.300,00 ден. - 15.375,00 ден / м2

    II зона - 9.150,50 ден. - 12.300,00 ден / м2

    III зона - 6.150,00 ден. - 9.150,00 ден / м2

    Цени на деловен простор (купување и закуп)

    куповна цена:

    Централно градско подрачје - 92.250,00 ден. - 104.550,00 ден / м2

    I зона - 55.350,00 ден. - 73.800,00 ден / м2

    II зона - 36.900,00 ден. - 55.350,00 ден / м2

    III зона - 18.450,00 ден. - 36.900,00 ден / м2

    закуп:

    Централно градско подрачје - 492,00 ден. - 615,00 ден / м2

    I зона - 369,00 ден. - 492,00 ден / м2

    II зона - 184,50 ден. - 246,00 ден / м2

    III зона - 123,00 ден. - 184,50 ден / м2

     

    Добиените информации иницираа повеќе прашања кај присутните граѓани на кои г-ѓа Ѓилева даде исцрпни одговори, еве неколку од нив:

    Која област се смета за прва зона, која за втора и која е трета, односно кои главни улици ги опфаќаат зоните?

    Од страна на презентерката беа претставени сите три зони, односно кои улици ги опфаќаат зоните.

    Кој е начинот за откуп на дворната површина и има ли промени од поранешниот начин за откуп освен за промена на цената?

    Процедурата е стандардна, односно цената е 1€ по , како што важи и на територија на цела Македонија. Ако со приложената документација до Одделението за урбанизам се е во ред и има шифра со која се констатира дека со купувањето на објектот е купено и местото на кое е изграден објектот тогаш не се плаќа никаков надомест. До колку е потребна дополнителна документација или самата документација не покажува дека земјиштето е откупено, во тој случај се наплаќа, односно се откупува земјиштето, а по потреба излегуваат и екипи на терен.

    Дали е точно она што се зборува за урбанизирање на село Малино т.с. градење на град за млади брачни двојки?

    Во село Малино не е предвидено изградба на град, само е изработен урбанистички план, за изградба на објекти и урбанизирање на местото.

    Што се планира со имотите во месноста Лиска кои се опфатени со новиот план?

    Со проектот Форуми на заедниците над Заводот за вработување се гради објект кој е наменет за жртви од семејно насилство. На просторот зад стамбениот блог во населбата Лиска во најскора иднина се предвидува изградба на голем трговски центар.

    Дали е точна информацијата за урбанизација на новиот парк и до каде е дојдено со работењето ако е таа точна?

    Информацијата за урбанизација на новиот парк е точна. На овој простор се планира изградба на отворен базент, две тениски игралишта, мала црква и бизнис објект. Договорите за тениските игралишта и црквата се во завршна фаза и се очекува да започне нивна реализација за кратко време, а другите се во тек на изработка и припрема на документацијата.

    Дали се планираат паркинзи во централното подрачје бидејќи постоечките не ги задоволуваат капацитетите?

    Во иднина се планира изградба на два паркинг простори во централното градско подрачје.

    Дали се планира изградба на детски игралишта како што е тоа во паркот во центарот?

    Се планира изградба на 2 детски игралишта во постоечките детски градинки, едно во населбата Лиска и едно на проширениот дел на улица Скопска (позади Комуналното претпријатие). Во моментов има и три асфалтирани игралишта за спортски активности на децата, а во иднина се планираат повеќе.

    Што се планира да се направи со проблемот на водата во гробиштата и дали воопшто ќе се гради капела и кога?

    Направен е детален урбанистички план за изградба на капела и за одводнување на атмосферската вода од гробиштата, па во догледно време треба да се реализира.

    Дали во нашиот град ќе има семафори ?

    Во моментов се градат кружни текови за подобра регулација на сообраќајот, но има потреба и од семафори за што се поднесени барања и неофицијално дознавме дека се одобрени за поставување 4 семафори.

    Организација на жените на општина Свети Николе

     
     

    прва страна | профил | активности | инфо | галерија | контакт
    © 2003-2010 Организација на жените - Свети Николе.
    Сите права се задржани Webmaster Александар Богатинов