Извештај за одржана трибина во село
Кнежје
Организацијата на жените на општина Свети Николе во
рамките на проектот Свети Николе – Транспарентна општина кој е поддржан
од програмата CIVICA Mobilitas – имплементирана од ЦИРа и финансиски
поддржана од SDC на 03/10/2010 година со почеток во 11:30 часот
во просториите на Организација на жените - Свети Николе одржа трибина
наменета за жените од село Кнежје. На трибината присуствуваа 10 жени на
возраст над осумнаесет години од ова село.
Трибината ја отвори административниот асистент на
проектот г-ѓа Фросина Мишева. Таа зборуваше за целта на проектот и
неговото значење за жените од општина Свети Николе.
Од страна на модераторката присутните на трибината
беа информаирани за надлежностите на Локалната самоуправа согласно
постоечките Закони и акти за процесот на Децентрализација. Посебен осврт
се даде на надлежностите на локалата во насока на: комуналните дејности
(снабдувањето со вода за пиење, одведување и пречистување на отпадните
води, собирање, транспортирање и постапување со комуналниот цврст отпад,
јавното осветлување, уредување и организирање на јавен локален превоз,
одржување на локалните патишта и улици), урбанизам (рурално планирање,
уредување на простор и уредување на градежно земјиште), култура
(негување на фолколорот, обичаите, старите занаети, институционална и
финансиска подршка на културни установи), социјална заштита и заштита на
децата, образование (основање, финансирање и администрирање на основните
и средните училишта, организирање на превоз и исхрана на ученици и нивно
сместување во ученички домови), здравствена заштита и друго.
Присутните на трибината се запознаа и со облиците на
учество на граѓаните во одлучувањето за прашања од локално значење како
што се: граѓанска иницијатива, собир на граѓани, референдум, претставки
и предлози, јавни трибини, анкети и др.
По презентирањето на надлежностите на Локалната
самоуправа и облиците на учество на граѓаните, се разви дискусија за
проблемите и потребите со кои се сретнуваат жените од оваа месна
заедница.
Повеќето од жените како приоритетни проблеми кои се
присутни во Кнежје ги истакнаа:
канализациона мрежа - Во селото нема канализациона
мрежа, па жителите имаат јами или полски клозети.
водоснабдување – во селото има водоводна мрежа, но
според мислењето на жените водата не се испитува редовно и не се
сигурни колку е соодветна за употреба.
осветлување – во селото пред три години биле
извадени бандерите за да се заменат со нови и од тогаш во селото нема
улично осветлување и не се заменети ниту бандерите, ниту се поставени
сијалици.
патишта – во селото нема асфалтирани улици, освен
улицата што доаѓа до сред село од градот, па луѓето особено во
врнежливи денови едвај стасуваат до своите домови со коли, а пеш уште
потешко.
превоз - До селото нема организиран превоз или
редовна автобуска линија која го поврзува со градот. Селото е многу
близу до градот и луѓето полесно се снаоѓаат со превоз, но сепак има
потреба барем од покриена постројка со клупа од каде ќе ги зема
таксито. „Ако се повика такси нема покриено место каде луѓето би го
почекале таксито во случај да врне или грее многу сонце а некој од нив
е болен, а посебно ако е дете кое треба да се носи во раце“ – велат
жените од ова село.
проблем со отпадот – И во ова село како и во
другите посетени села во општината, нема одредено место за депонија за
одложување на цврстиот отпад од неорганско потекло, па жените
предлагаат бидејќи селото е блиску до градот да се стават неколку
контејнери кои барем еднаш неделно ќе се празнат од страна на јавното
претпријатие „Комуналец“.
проблем со простор - Во селото не постои простор за
состаноци на месната заедница, собирање на жителите за било каква
потреба, па тоа го прават по куќите, но тоа е доста непрактично
бидејќи некои семејства меѓу себе не разговараат и со тоа не можат да
присуствуваат на средбите. Токму и заради тоа состанокот со месниот
одбор се одржа во домот на претседателот, а за трибината жените од ова
село беа донесени во канцеларијата на Организација на жените на
општина Свети Николе.
Организација на
жените на општина Свети Николе