македонски

english

профил

активности инфо галерија контакт
 

Извештај за одржана трибина во село Немањици

Организацијата на жените на општина Свети Николе во рамките на проектот Свети Николе – Транспарентна општина кој е поддржан од програмата CIVICA Mobilitas – имплементирана од ЦИРа и финансиски поддржана од SDC на 09.09.2010 година со почеток во 17 часот во село Немањици одржа трибина наменета за жените од ова село. На трибината присуствуваа жени на возраст над осумнаесет години.

Трибината ја отвори координаторот на проектот г-ца. Јасмина Трајчева . Таа зборуваше за целта на проектот и неговото значење за жените од општина Свети Николе.

Од страна на модераторката присутните на трибината беа информирани за надлежностите на Локалната самоуправа согласно постоечките Закони и акти за децентрализација.

Во рамките на овие информации посебен осврт и информации се даде на следниве области: комунални дејности (снабдувањето со вода за пиење, одведување и пречистување на отпадните води, собирање, транспортирање и постапување со комуналниот цврст отпад, јавно осветлување, уредување и организирање на јавен локален превоз, одржување на локалните патишта и улици), урбанизам (рурално планирање, уредување на простор и уредување на градежно земјиште), култура (негување на фолколор, обичаи, стари занаети, институционална и финансиска подршка на културните установи и настани) социјална заштита и заштита на децата (отварање на градинки, грижа за деца без родители, остварување на права од социјална дејност и воспитување на деца од предучилишна возраст), образование (основање, финансирање и администрирање на основните и средните училишта, организирање на превоз и исхрана на ученици и нивно сместување во ученички домови), здраствена заштита и друго.

 

Присутните на трибината се запознаа и со облиците на учество на граѓаните во одлучувањето за прашања од локално значење како што се: граѓанска иницијатива, собир на граѓани, референдум, претставки и предлози, јавни трибини, анкети и тн.

По презентирањето на надлежностите на Локалната самоуправа и облиците на учество на граѓаните во процесот на донесување одлуки, се разви дискусија за проблемите и потребите со кои се сретнуваат жените од оваа месна заедница.

Присутните жени се сложија и како приоритетни проблеми во село Немањици ги истакнаа:

  • Канализациона мрежа - Во селото нема поставено канализациона мрежа, па луѓето се приморани да одат во полски клозети и да прават септички јами.

  • Превоз - До селото воопшто нема организиран автобуски превоз за поврзаност со градот, па луѓето мора да се организираат со сопствени возила или да викаат такси од градот што е многу скапо и не е достапно до секого.

  • Пат - Низ селото нема асфалтирани улици освен локалниот пат кој поминува низ селото и продолжува понатаму за село Ранченци. И патото кој води од селото до градот е многу оштетен и тесен за што е потребно поправање.

  • Здраство - Во селото лекар доаѓа еднаш неделно, но со него не доаѓа медицинска сестра ниту аптекар, па и покрај тоа што лекарот ги посетува тие сепак мора да одат во градот по лекови или да примаат некаква терапија, а со тоа да платат и такси превоз кој е многу скап. „Ако лекарот не носи лекови кое фајде што ќе дојде“ се зборовите на повеќето жени присутни на трибината.

  • Осветлување – Во селото има поставено улично осветлување, но постоечките бандери се ретко поставени и од забот на времето веќе се оштетени, па селаните се плашат дека за време на временски неприлики може да паднат и да направат штета, па затоа бараат да бидат заменети со нови.

  • Проблем со отпадот – како и во останатите села од општина Свети Николе и овде е присутен проблемот со складирање на отпадот. Нема одредено место за депонија за одложување на цврстиот отпад од неорганско потекло, и покрај тоа што градската депонија е во близина на оваа село. И да сакаат селаните да го фрлаат отпадот во градската депонија немаат услови за тоа, како да го соберат и превезат отпадот до депонијата.

  • Организација на жените на општина Свети Николе

     
     

    прва страна | профил | активности | инфо | галерија | контакт
    © 2003-2010 Организација на жените - Свети Николе.
    Сите права се задржани Webmaster Александар Богатинов