Теренско истражување во село Пеширово
На 13/07/2010 во 20:00 часот во село Пеширово се
одржа теренско истражување, како дел од проектот „Свети Николе –
транспарентна општина“ во реализација на Организација на жените на
општина Свети Николе, поддржан од програмата CIVICA Mobilitas -
имплементирана од ЦИРа и финансиски поддржана од SDC.
На состанокот беа присутни преседателот и членови на
месниот одбор, како и жени од оваа месна заедница. На почетокот
асистентот на проектот Анета Дачева ги запозна присутните со целите на
проектот и предвидените проектни активности. Потоа започна со
поставување на прашања до присутните, со цел да се согледаат нивните
мислења и видувања за состојбата на месната заедница. Од развиената
дискусија може да се заклучи дека состојбата на месната заедница
значително се влошила со стапувањето на сила на Законот за
децентрализација, пред се поради фактот што месната заедница веќе нема
никакви ингеренции и е целосно зависна од Локалната самоуправа.
Месниот совет брои 7 члена и во него нема жена член.
Во селото постои просторија каде членовите на месниот совет се собираат
и одржуваат состаноци, на кои се дискутира за проблемите со кои се
соочуваат жителите на оваа месна заедница.
Поголем број од жителите на село Пешироо се
невработени,односно во селото има 5- 6 мажи и 2 жени кои се во работен
однос, како и 5 рeгистрирани индивидуални земјоделци. Во селото има
двајца студенти.
Главни дејности на жителите од оваа месна заедница се
одгледување на земјоделски култури (најчесто житарици и тутун) и
сточарство (крупен добиток).
Жителите на село Пеширово не се задоволни од
постоечките услови за живеење. Во селото има една продавница, нема
интернет клуб каде младите би можеле да се забавуваат, единствено добра
работа во селото е игралиштето за најмладата популација направено од
донација и помош од жителите на селото.
Жителите на село Пеширово не се информирани за
работата на Локалната самоуправа, во селото не се следи програмата на
локалната телевизија каде се даваат снимки од одржаните седници на
советот на општина Свети Николе, ниту пак се фака фреквенцијата на
локалното радио. Место каде месното население се информира за нови
активности и случувања во селото не постои, бидејќи според нив нема
никакви нови активности, ниту пак важни случувања кои би биле во корист
на селаните од оваа месна заедница.
Проблеми и потреби со кои се соочуваат жителите на
оваа месна заедница се:
-
Невработеноста – е главен проблем во ова село и таа
придонесува за тешкиот живот и стагнација на селото.
-
Канализацијата во селото – не постои канализациона
мрежа во селото и секоја куќа има сопствена јама.
-
Превозот до градот – Нема обезбеден јавен превоз до
градот, па жителите за секоја потреба до градот мора да повикуваат
такси од градот, а поради лошата социо-економска состојба не секој
може да си дозволи такси превоз.
-
Неалсфалтирани улици – Во с.Пеширово нема ниту една
асфалтирана улица, а селото спаѓа меѓу поголемите од општина Свети
Николе.
-
Улично осветлување – Во селото има улично
осветлување кое не е доволно за целото село и навечер движењето е
отежнато.
Жените од село Пеширово најчесто се домаќинки кои се
грижат за своите семејства и домот, а исто така и се занимаваат со
земјоделие. Тие не се многу активни кога има некое случување во селото,
а причина за тоа е зафатеноста со домашните обврски, менаталитетот и
традиционалното воспитување. Досега жените од ова село немаат покренато
сами инијацијатива за решавање на некој проблем.
Присутните исто така сметаат дека треба да има вакви
почести организирани средби со владини, невладини организации и
институции или пак организирање на состаноци каде жените ќе можат јавно
да го искажуваат своето мислење и своите ставови и ќе се информираат за
различни случувања.
Организација на жените на општина Свети Николе