english

or you can choose your language below
 

профил

активности инфо галерија контакт
 

Теренско истражување во село Горобинци

На 06/07/2010 во 20:30 часот во основното училиште „Ацо Шопов“ во село Горобинци се одржа теренско истражување како дел од проектот „Свети Николе – транспарентна општина“ во реализација на Организација на жените на општина Свети Николе, поддржан од програмата Civica Mobilitas – имплементирана од ЦИРа и финансиски поддржана од SDC.

Воведен збор на состанокот земаа асистентот на проектот Рахела Ѓоргиева и координаторот на проектот Јасмина Трајчева, кои ги запознаа присутните со целите на проектот и предвидените проектни активности. Потоа асистентот започна со поставување на претходно подготвени прашања до присутните, со цел да се согледаат нивните мислења и видувања за состојбата на месната заедница.

Од развиената дискусија може да се заклучи дека состојбата на месната заедница значително се влошила со донесувањето на Законот за децентрализација, пред се поради фактот што месната заедница веќе нема никакви ингеренции и е целосно зависна од Локалната Самоуправа.

Месниот совет брои 7 члена и во него нема жена член. Во селото постои просторија каде членовите на месниот совет се собираат и одржуваат состаноци на кои се дискутира за проблемите со кои се соочуваат жителите на оваа месна заедница. Ваквите состаноци во зимскиот период се зачестени, додека во лето поретко се оддржуваат поради земјоделските обврски кои ги имаат членовите на одборот.

Во село Горобинци живеат околу 950 жители, од кои 20% се во работен однос, а другите 80% се невработени. Мнозинството од вработените се жени кои работат во конфекции во Свети Николе и Штип, додека вработените мажи најчесто се регистрирани како индивидуални земјоделци, кои во с.Горобинци ги има околу 50 луѓе. Во село Горобинци има 10 студенти, од кои пет се од машки и пет од женски пол. Во селото доста е застапена т.н. „сезонска работна миграција“, каде поголем број од младата популација од селото оди на сезонска работа во Италија.

Главни дејности на жителите од оваа месна заедница се одгледување на земјоделски култури (најчесто житарици и тутун) и сточарство (крупен добиток).

 

Проблеми и потреби со кои се соочуваат жителите на оваа месна заедница се:

  • канализацијата во селото – Во селото нема канализациона мрежа туку секое семејство има јама во сопствениот двор, па тоа е значителен проблем особено во летниот период кога се шири непријатна миризба.

  • Водоснабдувањето – Селото има водовод кој е изграден од страна на жителите од селото, но во сушните години и особено во летниот период жителите се соочуваат со недостиг на вода бидејќи се работи за природен извор, а жителите не го користат рационално туку си наводнуваат и посеви.

  • Патна инфраструктура – Во селото не се асфалтирани сите улици па поради тоа и оние улици што се асфалтирани се со кал, песок и камења кои се пренесуваат од неасфалтираните улици.

  • Улично осветлување – улично осветлување постои во селото но не е застапено доволно и подеднакво во сите делови на селото, а реално сите жители плаќаат одреден надоместок за улично осветлување.

  • Културно – забавен живот – Во селото постои желба да се регистрира културно уметничко друштво, но за тоа сакаат финансиска и логистичка поддршка од локалата или КУД „Јанко Глигоров“ во склоп на Домот на културата – Свети Николе. Младите од оваа месна заедница имаат потреба од изградба на спортски објекти и игралиште каде ќе можат да поминуваат поголем дел од своето слободно време, да се дружат и забавуваат.

  • Информирање – Во селото постои огласна табла, каде месното население би требало да се информира за разни случувања, но најчесто огласите со важни активности и случувања се ставаат пред продавниците кои се најфреквентни места во селото и сите жители на селото можат да ги видат истите. Кај жителите од с.Горобинци постои големо незадоволство од поштарот во селото поради честото доцнење на месечните сметки за плаќање, писма, покани за вакцини на децата итн, бидејќи истите често завршуваат во локалните продавници, а не до лицата за кои се наменети. Поради тоа често пати се случува на жителите да им исклучат телефон поради неплатена сметка, а која реално ја немаат добиено, или децата да не ги однесат на вакцина во предвидениот рок затоа што немаат добиено покана.

  • Лекар – Уште еден важен проблем во с.Горобинци е и тоа што матичниот лекар на селото доаѓа 2-3 пати неделно и се задржува по 1 час, па поради тоа селаните понекогаш се принудени да одат на доктор дури до градот.

  • Жените од село Горобинци најчесто се домакинки кои се грижат за своите семејства и домот, а исто така и се занимаваат со земјоделие. Тие не се многу активни кога има некое случување во селото, а причина за тоа е зафатеноста со домашните обврски, менталитетот и традиционалното воспитување. Досега жените од ова село немаат покренато сами иницијатива за решавање на некој проблем, но секако даваат нивна подршка при надминување на истиот. Жените имаат потреба и сметаат дека подобро ќе функционираат доколку се формира женска организација во нивното село.

    Присутните исто така сметаат дека треба да има вакви почести организирани средби со владини, невладини организации и институции или пак организирање на состаноци каде жените ќе можат јавно да го искажуваат своето мислење и своите ставови и ќе се информираат за различни случувања.

    Жителите на село Горобинци главно се задоволни од постоечките услови за живеење, но имаат некои потреби кои се неопходни да се реализираат за подобар живот во селото.

    Жителите на село Горобинци велат дека немаат соработка и подршка од Локалната самоуправа, а нејзината улога врз месната заедница е голема. Тие се незадоволни од непрофесионалното работење на општината во однос на жителите на месните заедници. Поради ова незадоволство на жителите од работата на Локалната самоуправа, постои иницијатива да се соберат потписи од жителите на ова село и со тоа село Горобинци да се оддели од општина Свети Николе, а да се приклучи кон некоја друга соседна општина. За работата на Локалната самоуправа присутните се изјаснија дека не се доволно информирани, бидејќи информации за работата на Локалната самоуправа добиваат само од локалната телевизија, која ги пренесува седниците на советот на општина Свети Николе.

    Во село Горобинци постои едно подрачно основно училиште, 4 продавници, како и кафуле каде младите може да се забавуваат и дружат.

    Организација на жените на општина Свети Николе

     
     

    прва страна | профил | активности | инфо | галерија | контакт
    © 2003-2010 Организација на жените - Свети Николе.
    Сите права се задржани Webmaster Александар Богатинов