english

or you can choose your language below
 

профил

активности инфо галерија контакт
 

„Теренско истражување во 7 месни заедници“ - с. Ерџелија

На 08.06.2010 во с. Ерџелија се одржа теренско истражување по проект „Свети Николе – транспарентна општина“, во реализација на Организација на жените на општина Свети Николе, поддржан од програмата CIVICA Mobilitas – имплементирана од ЦИРа и финансиски поддржана од SDC.

Состанокот се одржа во просториите на месната заедница во с.Ерџелија, а беше модериран од асистентот на проектот Рахела Ѓоргиева.

Воведен збор на состанокот земаа асистентот на проектот, кој ја објасни причината за одржување на оваа средба и помошник координаторот кој ги запозна присутните со целите на проектот и предвидените проектни активности. Потоа модераторот започна со поставување на прашања до присутните, со цел да се согледаат нивните видувања и мислења за состојбата на нивната месна заедница. Од добиените одговори може да се заклучи дека состојбата во месната заедница е значително влошена, пред се поради фактот дека со донесувањето на Законот за децентрализација, месната заедница веќе нема никакви ингеренции и е целосно зависна од локалната самоуправа. Месниот совет брои 7 члена, кои одржуваат состаноци два пати годишно, а во периодите пред избори почесто. До минатата година состаноците се оддржувале во основното училиште, а сега имаат сопствена просторија за одржување на нивните состаноци. Во советот нема жена – член, пред една година била предложена една жена за член на советот, но не добила подршка од страна на другите членови – мажи. Во селото има околу 400 куќи во кои живеат околу 1100 жители, а од нив 20% се вработени. Миграцијата село-град не е многу застапена, се случува во селото да се враќаат иселените лица поради економски причини. За сите важни информации и збиднувања жителите се информираат пред продавниците во селото.

Главни дејности на жителите на селото се: земјоделство, особено тутунот во последните години и сточарството.

Проблеми и потреби кои се јавуваат во оваа месна заедница се: изградба  на селски вововод, немање исправна вода за пиење и фекална канализација, изградба на патот Ерџелија – Пеширово;  изградба на патот Ерџелија - Кадрифаково; рачистување на вегитацијата на патот Ерџелија - Пеширово; изградба и санирање на уличната инфрастуктура и поставување на вертикална и хоризонтална сигнализација во селото, изградба на спортска сала во основното училиште, изградба на пазар и друго. За дел од овие проблеми има доставено барања за нивно решавање и надминување до локалната самоуправа, последното барање е доставено на 10.11.2009 година, но од локалната самоуправа нема никаков одговор.

Проблемот со неисправната вода за пиење постои од 1991 година, па поради факот дека самата вода не е за употреба многу деца од селото се разболуваат од цревни паразити.

Жителите на село Ерџелија не се задоволни од постоечките услови за живот во селото, како што велат тие немаат никава подршка од локалната самоуправа и покрај тоа што е најголемо село во општината. Добра работа што треба да се спомене е помошта од 120.000 денари од локалната самоуправа за подмирување на долгот што го имаше водоводот на селото кон ЕВН.

Жените од село Ерџелија најчесто се домаќинки кои се грижат за своите семејства и домот, а исто така се занимаваат и со земјоделство. Не се многу активни кога има некое случување во селото, а причина за тоа е зафатеноста со домашните обврски, менталитетот и традиционалното воспитување. Присутните сметаат дека оваа состојба би можела да се надмине преку почесто организирање на средби со невладини и владини организации и институции, организирање на состаноци каде жените ќе можат јавно да го искажуваат своето мислење и своите ставови и ќе се информираат за различни случувања. Досега од жените во ова село нема покренато иницијатива за решавање на некој проблем.

Жителите на село Ерџелија велат дека немаат соработка и подршка од локалната самоуправа, а  нејзината улога врз месната зедница е огромна. Пред 1 година беше предложено во советот на општина Свети Николе да има и член од село Ерџелија, кој ќе ги известува селаните за работата на локалната самоуправа. Ваквиот предлог не беше прифатен од страна на локалната самоуправа, па поради тоа селаните и не се информираат никако за работата на локалната самоуправа. Исто така во селото требаше да се отвори и едношалтерски систем, но тоа не се случи заради тоа што селаните не сакаа  да се вработи некој од градот туку да бие вработен некој жител на селото. Селаните имаат незадовоство во врска со тоа што кога  ќе се отвори некое работно место во селото, веднаш се вработува некој од градот. Како пример за ова е училиштето во село Ерџелија каде  работат 3 луѓе од селото, останатите се наставници од градот, а во селото постои кадар со завршено соодветно високо образование.

Во селото има  интернет, кабловска телевизија, како и локално клубче за забава на младите, но немаат инфо центар. Пред некое време се направи проект за изградба на инфо центар во селото, но проектот не беше одобрен.

Организација на жените на општина Свети Николе

 
 

прва страна | профил | активности | инфо | галерија | контакт
© 2003-2010 Организација на жените - Свети Николе.
Сите права се задржани Webmaster Александар Богатинов