Теренско истражување во село
Црнилиште
На 22 јуни во просториите на месната заедница на село
Црнилиште се одржа теренско истражување како дел од проектот „Свети
Николе – транспарентна општина“, во реализација на Организација на
жените на општина Свети Николе, поддржан од програмата CIVICA Mobilitas
– имплементирана од ЦИРа и финансиски поддржана од SDC. На состанокот
беа присутни: претседателот и 5 члена на месниот совет, како и неколку
жени од селото. Присутните најнапред ги поздравија асистентот на
проектот Рахела Ѓоргиева и координаторот на проектот Јасмина Трајчева.
Тие ги запознаа присутните со поводот за одржување на оваа средба и
накратко ги презентираа целите, активностите и наредните чекори за
целосна реализација на проектот. По овие излагања, асистентот започна со
поставување на претходно подготвени прашања до присутните со цел да се
согледаат нивните видувања и мислења за состојбата на месната заедница.
Од развиената дискусија може да се заклучи дека состојбата на месната
заедница значително се влошила со донесувањето на законот за
децентрализација, пред се поради фактот што месната заедница веќе нема
никакви ингеренции и е целосно зависна од Локалната самоуправа. Месниот
совет на село Црнилиште брои 7 члена и за прв пат во составот
мнозинството се млади членови кои цврсто се решени активно да работат и
да допринесат за развој и подобрување на условите за живот во нивната
месна заедница, но секако за тоа им е потребна подршка од Локалната
самоуправа. Во советот нема и ниту до сега имало жена член, но се
размислува за наредниот избор на месен совет да бидат вклучени и жени, а
во овој мандат жените ќе бидат повикувани на состаноците на месниот
совет како надворешни членови.
Во село Црнилиште живеат околу 500 жители, од кои 20%
се вработени, а останатите 80% се невработени или се занимаваат со
земјоделство и сточарство. Од земјоделските култури главно се
одгледуваат: луцерка, лозје, бостан, а од оваа година особено е
распространето одгледувањето на тутун. Жените од ова село најчесто се
домаќинки или пак помагаат на мажите при извршување на земјоделски
работи.
|
|
|
За разлика од другите села во општината во ова село
има зголемување на природниот прираст односно има зголемен број на деца.
Орентационо, околу 40 деца се во предшколска или на одделенска настава,
околу 25 деца се во основно училиште, 30 деца се средношколци и во
моментов во селото има 15 студенти. Како село со зголем број на деца,
жителите не се задоволни со условите за живот кои им се нудат на младата
популација овде. Ова незадоволство пред се е во насока на многу старата
училишна зграда во селото, која нема направено никаква промена односно
реновирање во последните 50 години, па жителите се плашат за безбедноста
на своите деца и се решени со почетокот на новата учебна година доколку
не се обезбедат соодветни услови за слдење на настава да не ги пуштаат
децата да одат на училиште додека не се најде соодветно решение. Како
предлог до Локалната самоуправа повеќе пати е доставувано барање за
изградба на ново или адаптација на старото училиште, но како што велат
селаните, локалата е глува и слепа за нивните барања. Други проблеми и
потреби со кои се соочуваат жителите на село Црнилиште се:
- Доизградба на патот Црнилиште – Сарамзалино;
- Решавање на проблемот со фекалната канализација;
- Редовно осветлување на улиците во селото;
- Изградба на спортско игралиште;
- Потреба од комунална инспекција на терен во селото
итн.
Жените од ова село имаат потреба од едукација како во
областа на земјоделието така и во насока на странски јазици и
компјутерски курсеви. Жените од селото по одржувањето на трибина во Мај
во рамките на истиов проект самоиницијативно организираат состаноци на
кои се повикуваат сите жени од селото и разговараат за покренување на
иницијативи за надминување на одредени проблеми и потреби. На еден од
тие состаноци подготвиле барање кое потоа го доставиле до Советот на
општина Свети Николе и очекуваат одговор по основ на поднесеното барање.
Во однос на протокот на информации за работата на
Локалната самоуправа и настани и случувања во општина Свети Николе исто
така постои големо незадоволство кај жителите од ова село, бидејќи овде
нема прием на локалните радија и телевизија и не постојат други методи и
механизми на информирање, освен преку интернет кој и не е така
распространет во селото.
Воглавно жителите на село Црнилиште се задоволни од
постоечките услови за живот во селото, но имаат некои потреби кои се
неопходни да се реализираат за подобар живот во селото.
Организација на жените на општина Свети Николе