македонски

english

профил

активности инфо галерија контакт
 

МЛАДИНСКИ ЛИДЕРИ ОД РУРАЛНИ СРЕДИНИ ИМПЛЕМЕНТАТОРИ НА НАЦИОНАЛНАТА СТРАТЕГИЈА ЗА МЛАДИ

Во рамките на проектот „Младински лидери од рурални средини имплементатори на Националната стратегија за млади“ финансиски подржан од Агенцијата за млади и спорт на Република Македонија беа одржани низа на работилници во период од Август 2007 година до Ноември 2007 година во општина Свети Николе. Во реализирањето на проектните активности беа вклучени координатор, 4 едукатори и 4 волонтери од Организација на жените на Општина Свети Николе (Младинскиот центар Вавилон Свети Николе). Работилниците се одржаа во просториите на Вавилон Центарот во Свети Николе.
Целна група на работилниците беа млади од шест рурални средини (Пеширово, Мустафино, Ерџелија, Црнилиште, Амзабегово и Горобинци) и од општина Свети Николе, на возраст од 15-25 години, со различна економска, социјална, верска, етничка и полова припадност.

 

На работилниците се разработија повеќе актуелни теми како што се: Здрави животни стилови, Ненасилно разрешување на конфликти, Родови односи и стереотипи, Национална стратегија за млади на Р.Македонија.
Работилниците беа позитивно оценети од сите учесници. Се покажа дека младите од руралните средини имаат потреба од ваков тип на едукација. Според нив полето за дискусија на овие теми е многу големо и тие имаат потреба за повеќе обуки во областа на Родовите односи, Насилството меѓу младите, Здравите животни стилови и слично.

 
     
 

Од обработените теми младите научија многу нови работи кои ќе им користат во понатамошната нивна едукација и живот. Кај дел од младите на работилниците можеше да се забележи присуство на стереотипи кои тешко се менуваат. На работилницата за запознавање на младите со Националната младинска стратегија беше поделен прашалник, каде се дојде до заклучок дека младите многу малку се запознаени со стратегијата. Крајните резултати и огромната заинтересираност на младите од руралните средини, кои во секоја наредна работилница беа во се поголем број, покажаа дека овие обуки ги задоволија очекувањата на учесниците. Начинот на работа беше прифатлив за сите членови во групата, тие се чувствуваа релаксирано со можност за дружење и комуникација.

 

На 20 Октомври 2007 година, во склоп на овој проект се организира и турнир во мал фудбал. На турнирот учество зедоа осум екипи: од шестте рурални средини по една екипа (Пеширово, Мустафино, Ерџелија, Црнилиште, Амзабегово и Горобинци), екипа составена од волонтери во Вавилон центарот во Свети Николе и екипата гостин од Јагодина. Секој тим броеше по шест младинци. Турнирот се одржа на училишното игралиште на ОУ „Гоце Делчев“ во Свети Николе. Турнирот беше посветен на трагично загинатата музичка ѕвезда Тоше Проески. Присутните ги поздрави координаторката на проектот Љупка Антова а турнирот за отворен го прогласи г-ѓа Вера Златева, претседателка на Организација на жените на општина Свети Николе. На најдобрите им беа доделени дипломи и благодарници од страна на претседателката на организацијата. Турнирот се емитуваше на локалната телевизија „СВЕТ“.

 

05.11.2007
Љупка Антова
Организација на жените на Општина Свети Николе

 
 

прва страна | профил | активности | инфо | галерија | контакт
© 2003-2007 Организација на жени - Свети Николе.
Сите права се задржани Webmaster Александар Богатинов