Трибина за истражување на потребите и
проблемите на жените од село Долно Ѓуѓанци
Организација на жените на општина Свети Николе во
рамките на проектот Свети Николе – Транспарентна општина кој е поддржан
од програмата CIVIKA Mobilitas – имплементирана од ЦИРа и финансиски
поддржана од SDC на 27.08.2010 година со почеток во 10 часот во
село Д.Ѓуѓанци одржа трибина наменета за жените од ова село. На
трибината присуствуваа 21 женa од ова село.
Трибината започна со презентирање на целта на
проектот и неговото значење за жените од општина Свети Николе, потоа
модераторката, ги информираше присутните за надлежностите на Локалната
самоуправа согласно постоечките Закони и акти за децентрализација, а во
областа на комуналните дејности, урбанизам, рурално планирање и
уредување на простор, култура и институционална и финансиска подршка на
културни установи, социјална заштита и заштита на децата, остварување на
права од социјална дејност, образование, здраствена заштита и друго.
Присутните на трибината се запознаа и со облиците на
учество на граѓаните во процесот на донесување на одлуки за прашања кои
се од локално значење како што се: ѓраѓанска иницијатива, собир на
граѓани, референдум, претставки и предлози, јавни трибини, анкети и
предлози.
По презентирањето на надлежностите на Локалната
Самоуправа и облиците на учество на граѓаните, се разви дискусија за
проблемите и потребите со кои се соочуваат жените од оваа месна
заедница.
Повеќето од жените како приоритетни проблеми и
потреби кои се присутни во село Д.Ѓуѓанци ги истакнаа:
Канализациона мрежа – Во селото нема канализациона
мрежа. Жителите од селото имаат сопствени полски клозети.
Јавен превоз - Во селото особен проблем претставува
немањето на организиран јавен превоз до градот. Селаните се приморани
да плаќаат такси превоз, но поради големата одалеченост од градот и
високите цени, не секогаш се во можност да користат такси услуга, па
селаните се приморани сами да се снаоѓаат.
Здравство – Во селото постои објект за давање на
здравствени услуги. Проблем претставува што лекарот доаѓа еднаш
неделно и со него не доаѓа медицинска сестра и аптекар, а реално
постои потреба од истите.
Отпад – Уште еден од поприоритетните проблеми е и
немањето на одредено место за депонирање на отпадот од селото.
Патна инфраструктура - Во селото постои река која
го дели селото на два дела, но на реката нема соодветен премин за да
може селаните непречено да се движат од едниот во другиот дел. Поради
тоа приоритет е алтернетивно решение за премин преку реката, пред се
поради тоа што единствената селска продавница се наоѓа на едниот дел
од селото па останатите жители имаат отежнат пристап до основните
продукти за живот. Во селото нема ниту една асфалтирани улици.
Водоводна мрежа – Во ова село постои стара
водоводна мрежа, која поради долгиот временски период веќе е оштетена
и има потреба од нејзина санација (замена на вентилите).
Проблеми и потреби на младите – Младите од ова село
се ограничени со информации од нивен интерес, а тоа пред се се должи
на немањето никаква младинска организација, како и на тоа што во
селото има многу малку млади.
Проблеми и потреби на жените – Покрај
горенаведените проблеми главна потреба на жените од ова село е
простор/место за да се собираат и одржуваат состаноци, каде ќе се
информираат и разговараат за проблемите во селото и можностите за
покренување на барања и иницијативи за нивно надминување. Исто така
има потреба и од адаптирање на простор за занимација на децата од
селото, каде ќе може децата да се дружат и едуцираат.
Организација на жените на општина Свети Николе