Теренско истражување во село Немањици
На 27/07/2010 во 20:00 часот во село Немањици се
одржа теренско истражување, како дел од проектот “Свети Николе –
транспарентна општина” во реализација на Организација на жените на
општина Свети Николе, поддржан од програмата CIVICA Mobilitas-
имплементиран од ЦИРА и финансиски поддржан од SDC.
На состанокот беа присутни преседателот и 6 членови
на месниот одбор. На почетокот асистентот на проектот Рахела Ѓорѓиева ги
запозна присутните со целите на проектот и предвидените проектни
активности. Потоа започна со поставување на прашања до присутните, со
цел да се согледаат нивните мислења и видувања за состојбата на месната
заедница. Од развиената дискусија може да се заклучи дека состојбата на
месната заедница значително се влошила со донесувањето на Законот за
децентрализација, пред се поради фактот што месната заедница веќе нема
никакви ингеренции и е целосно зависна од Локалната самоуправа.
Месниот совет брои 7 члена и во него нема жена член.
Во селото не постои просторија каде членовите на месниот одбор ќе се
собираат и ќе одржуваат состаноци, сите состаноци што месниот одбор ги
имал се одржувале во просториите на селската продавница. Така беше и на
нашата средба, па поради фактот што во селото имаше испраќање на
коњаница за Крушево по повод празникот Илинден, продавницата беше многу
фрекфентно место, па затоа во тешки услови се одржа и нашата средба со
членовите на месниот одбор од ова село.
Пред 40 години село Немањици било најголемото село во
општина Свети Николе, додека денеска тоа едвај брои 185 жители и тоа
претежно стари лица. Во селото има 10 деца, а ниту еден студент. Во
селото има регистрирани 16 земјоделци, додека останатите се невработени
лица или пак пензионери.
Главни дејности на жителите од оваа месна заедница се
одгледување на земјоделски култури (најчесто житарици) и сточарство
(крупен добиток).
Проблеми и потреби на житeлите на месната зедница се:
санирање на покривот на Домот во селото, изградба на канализациона
мрежа, изградба на регионалниот пат Свети Николе – Пробиштип со што
селото би заживеало повторно, а секако би се решил и проблемот со превоз
до градот. Исто така како проблем селаните го наведоа и нередовната
посета на матичниот лекар. Имено тој доаѓа еднаш неделно (по 2 часа), а
ако се земе во предвид фактот дека повеќето од населението се стари
лица, неопходно е лекар кој би доаѓал секој ден во селото.
Жените од ова село најчесто се домаќинки, кои се
занимаваат со земјоделство и сточарство. Тие не се активни и ретко
присуствуват кога има некои важни случувања во селото, а причина за тоа
е презафатеноста на жената со извршување на домашните работи. Досега
женското население од село Немањици нема покренато инијацијатива за
решавање на некој проблем во селото.
Жителите на село Немањици не се информирани за
работата на Локалната самоуправа, во селото не се следи програмата на
локалната телевизија, каде се даваат снимки од одржаните седници на
Советот на општина Свети Николе. Исто така нема прием ниту на локалното
радио каде исто така се објавуваат важни информации и соопштенија за
локалните случувања. Во селото нема конкретно место каде месното
население ќе се информира за нови активности и случувања во општината,
затоа како што кажуваат тие нема никакви нови активности, ниту пак важни
случувања кои би биле во корист на селаните.
Жителите на месната зедница не се задоволни од
постоечките услови за живот во селото. Како што кажуваат тие во селото
од страна на Локалната самоуправа нема ништо направено, ниту пак
санирано уште од пред многу години. Единствено со што би се пофалило
село Немањици е реновирањето на црквата “Св. Илија” со помош на донации.
Во селото има само една продавница, нема пристап до
интернет, ниту пак кабловска телевизија.
Организација на жените на општина Свети Николе