english

or you can choose your language below
 

профил

активности инфо галерија контакт
 

„Теренско истражување во 7 месни заедници“ - с.Амзабегово

На 18 мај 2010 година се одржа состанок во месна заедница с.Амзабегово, како дел од проектната активност „Теренско истражување во 7 месни заедници“ по проект на Организација на жените на општина Свети Николе - „Свети Николе – транспарентна општина“ - поддржан од програмата CIVICA Mobilitas – имплементирана од ЦИРа и финансиски поддржан од SDC. Состанокот го модерираше асистентот на проектот, Рахела Ѓоргиева, а присуствуваа: претседателот и 6 члена на месниот одбор и 3 жени – жители на селото. Состанокот започна со поздравување на присутните од страна на асистентот на проектот, кој ја објасни причината за одржување на овој состанок, а потоа координаторот на проектот Јасмина Трајчева и помошникот координатор Фросина Мишева ги запознаа присутните со целите на проектот, проектните активности, како и наредните чекори кои треба да се превземат во иднина за да овој проект биде целосно и успешно завршен. По ова излагање асистентот на проектот започна со поставување на прашања до присутните, со цел да се согледаат видувањата на присутните за состојбата на нивната месна заедница. Од добиените одговори може да се заклучи дека присутните, месната заедница ја гледаат како деполитизирана институција, орган на управување со месното население и можност за покренување на заеднички иницијативи. Во составот на Месната заедница има 7 члена од кои еден е претседател, еден е секретар и еден касиер, останатите се членови на месна заедница. Тие се собираат еднаш месечно, а по потреба и повеќе и на нивните состаноци најчесто се расправа за проблемите со кои месното население се соочува. Во месниот совет нема жена член. Во село Амзабегово според пописот од 2002 година живеат 543 жители, од кои околу 60 се вработени, (35мажи, 25 жени), а исто така има и регистрирано околу 11 индивидуални мали бизниси (земјоделци), од кои 7 се жени, а 4 се мажи. Населението во село Амзабегово главно се занимаваат со земјоделство (градинарски култури) и сточарство (крупен добиток). Во однос на миграцијата село-град ова село не е многу погодено, бидејќи има многу дневни миграции град–село и обратно, но трајни миграции се реткост. Ова се должи пред се на добрата местоположба на селото и ангажираноста на населението при обработка на нивното земјиште кое се наоѓа во овој реон. Во селото моментално има 10 студенти (5 машки, 5 женски), но нема жители со досега завршено високо образование. Најчесто информации во однос на случувања и активности во општина Свети Николе мештаните добиваат на собири пред селските продавници, со соопштенија, преку јавни огласи и преку локалната телевизија. Жените во селото не се активно вклучени во случувања, активности и состаноци во интерес на селото, а пред се поради нивната пасивност и незаинтересираност за нешто ново од една страна и презафатеноста на жената со домашната работа, менталитетот и традиционалното воспитување од друга страна. Досега не е покрената некоја иницијатива за решавање на некој проблем од страна на женското население во селото, но давале подршка при поднесување на други иницијативи.

 

Главни проблеми со кои се соочува месното население се: калта, односно неасфалтираните улици, невработеноста на младите од селото, голем број на неженети луѓе, непостоење на клуб за млади, каде тие можат да се едуцираат, дружат и забавуваат, како и немањето на кабловска телевизија, за што веќе имаат покренато иницијатива за решавање на овој проблем, но сеуште нема решение за истиот. Долгогодишниот проблем на селото со фекалната канализација веќе е минато. Со помош на Локалната самоуправа селаните успеале да излобираат 6.000.000 денари од државата да го решат овој проблем. Транспортот не е проблем на населението што живее овде, затоа што селото има добра местоположба, во близина се наоѓа железничка станица и автобуска постројка каде поминуваат редовни линии.

Во фаза на изработка се проекти за: активирање на амбуланта во селото, изградба на чекална на патот (Црнилиште, Амзабегово, Сарамзалино), како и поставување на улично осветлување во селото. Пред празникот Ѓурѓовден (6 мај), кој е и селска слава, беа поставени 10 нови улични штедливи светилки и сега се чека набавка и поставување на уште 40 исти.

Во главно жителите на село Амзабегово се задоволни од постојните услови за живот во селото, поддршката и посветеноста на локалната самоуправа за решавање на проблемите на месното население, како и одличната соработка со градоначалникот и Локалната самоуправа.

Од 2004 година, со децентрализацијата селото станува финансиски зависно од општина Свети Николе и со тоа улогата на Локалната самоуправа во работењето на месната заедница е голема. Претседателот на МЗ Амзабегово истакна дека од минатата година еднаш месечно претседателите на сите месни заедници од општина Свети Николе имаат состанок со градоначалникот и советниците на градот, каде се разговара за проблемите и потребите на месното население.

За крај беше истакнато дека треба почесто да се организираат вакви состаноци со невладини организации, се со цел жените од селото да се активираат и да се информираат за битни случувања, активности и можности за нивно вклучување во процесот на покренување иницијативи и донесување одлуки за подобрување на условите за живот на жените во нивната месна заедница.

 

Организација на жените на општина Свети Николе

 
 

прва страна | профил | активности | инфо | галерија | контакт
© 2003-2010 Организација на жените - Свети Николе.
Сите права се задржани Webmaster Александар Богатинов