english

or you can choose your language below
 

профил

активности инфо галерија контакт
 

„Надлежности на Локалната Самоуправа - Свети Николе и потреби и проблеми на жените од село Ерџелија“

На 27.05.2010 година со почеток во 20 часот во основното училиште Даме Груев, с.Ерџелија се одржа трибина на тема: „Надлежности на Локалната Самоуправа - Свети Николе и потреби и проблеми на жените од село Ерџелија“. Трибината е дел од проектот „Свети Николе – транспарентна општина“, проект на Организација на жените на општина Свети Николе поддржан од програмата CIVICA Mobilitas – имплементирана од ЦИРа и финансиски поддржана од SDC. На трибината присуствуваа петнаесетина жени од оваа село. Трибината ја отвори претседателката на Организација на жените на општина Свети Николе ѓ-га Вера Златева, која го претстави проектот, проектните активности и значењето на проектот. Присутните на трибината беа информирани за надлежностите на општината со децентрализацијата, а во делот на: комунални дејности, урбанизам, култура, социјална заштита и заштита на децата, образование, здравствена заштита и др. По презентирањето на надлежностите на локалната самоуправа се разви дискусија за потребите и проблемите на жените од оваа место. Од дискусијата може да се заклучи дека еден од главните проблеми во селото е не постоењето на канализациона мрежа, секоја куќа има ископано јами кои се во непосредна близина до сопствените бунари од кои се снабдуваат со вода за пиење. Во селото постои централен водовод но не е во функција, пред се поради не плаќањето на сметките за вода. Пред извесно време е склучен договор со комуналното претпријатие за одржување на водоводната мрежа, но се уште не функционира. Во селото друг проблем е не постоењето на депонија за неорганискиот отпад, како и сточарски фарми во самото населено место поради што главен проблем е постоењето на болеста бруцелоза, па се јавува потреба за дислоцирање на фармите од поголем обем од населеното место. Во поглед на образованието, основното училиште во кое учат децата потребно е да се реновира, прозорците се стари, а школскиот двор не е адаптиран за употреба. Во поглед на здравството, во селото постои амбуланта, но лекар доаѓа два пати неделно задржувајки се само по еден час што реално за потребите на селото е многу малку. Овој проблем е присутен во селото по укинувањето на јавното здравство и изборот на матичен лекар, бидејќи сите жители немаат еден ист матичен лекар. Ерџелија е најголемо село во општина Свети Николе со тоа и потребите на населението се поголеми. Како една од потребите што беше истакната беше и немањето на градинка за згрижување на децата додека нивните родители се на работа, а со тоа сметаат жителите и недостаток на социјализација на најмладите. Во селото не постојат места каде жителите може да го поминуваат своето слободно време, нема младинска организација каде младите ќе се дружат и едуцираат, немаат спортска сала или игралиште, поранешниот парк не се одржува, а пензионерскиот дом е затворен. Локалната телевизија ТВ Свет нема сигнал во оваа село па тешко доаѓаат до информации поврзани со случувањата во општината. Но од сето горе искажано, основен проблем во селото е недостатокот на комуникација помеѓу самите жители и ривалството помеѓу нив, поради што се јавува потреба од подигање на јавната свест кај луѓето за заедништво и меѓусебна соработка.

Организација на жените на општина Свети Николе

 
 

прва страна | профил | активности | инфо | галерија | контакт
© 2003-2010 Организација на жените - Свети Николе.
Сите права се задржани Webmaster Александар Богатинов